Најавената истрага и малиот број на пациенти ќе удрат клуч на врата на модуларната болница
Гостивар, 15 септември 2021 Модуларната болница во Гостивар најверојатно ќе се затвори во петок. Според планот, пациентите од идната недела ќе се лекуваат во инфективното одделение и на другите оддели во болницата.
Ратко Наумоски, раководител на Одделот за инфективни болести во изјава за дневната состојбата, најави можност за затворање монтажната болница. Според него постојат реални можности последните примени пациенти со ковид 19 да бидат испишани во петок.
– Состојбата се смирува и од ден во ден имаме и помалку амбулантски прегледи. Повеќето од нив имаат лесна клиничка слика и можност за домашно лекување. Во модуларната болница сега има само тројца пациенти и ниту еден не е кислородна поддршка. Предвидуваме дека ќе бидат пуштени до петок по што најверојатно управата привремено ќе го затвори објектот, рече шефот на инфективното одделение.
Според неофицијални информации, објектот во кој се лекуваа полесни случаи на ковид ќе биде предмет на дополнителни безбедносни проверки. Освен контролата, истражителите ќе ја „чешлаат“ и документација од почетокот на изградбата до пуштањето во употреба гостиварската монтажна болница.
Контролите и проверките кои треба да ги спроведат истражните органи се иницирани по трагедијата во модуларната болница во Тетово.
Претходно од Обвинителството за организиран криминал и корупција објавија дека се истражува јавноста набавка за изградба на модуларни болници низ Македонија, во износ од 4 милиони евра.
Коментарите се затворени.