Продолжува бојкотот на наставата на турски јазик во гимназија
Гостивар, 20 септември 2021 (МИА) Учениците и наставниците од паралелките на турски јазик во Средно општинско училиште Гостивар (СОУ) продолжија со бојкотот на наставата. Како причина ја наведуваат одлуката на ресорното министерство за укинување на една паралелка во прва година.
Во дворот на гостиварската гимназија на протестниот собир покрај учениците и наставниците се придружија и родители. Од протестот беше порачано дека наставата нема да продолжи сè до промена на одлуката.
Наставниците сметаат дека укинувањето на една паралелка претставува етничка дискриминација врз турската заедница.
– Одлуката за укинување на паралелка има и подлабоко влијание. Ние не знаеме кому одговара турската заедница да нема образувани граѓани. Тука станува збор за иднината на турската заедница во Македонија, а не само за иднината на неколку наставници и ученици. Ова училиште со децении образувало генерации кои дале значаен придонес во општеството. Бројот на ученици дозволува да останат три паралелки како што било и 20 години наназад. Затоа МОН треба да ја повлече одлуката за укинување на една паралелка, рече Менсур Матјан професор во СОУ Гостивар.
Тој во име на неговите колеги го пренесе ставот дека бојкотот на наставата ќе продолжи сè до исполнување на нивното барање да се формира трета паралелка во прва година на турски јазик. За проблемот ќе ги известат и останатите институции и амбасади.
Од училишната управа на гостиварската гимназија потврдија дека одлуката за затворање на еден од трите класа по турски јазик е на Министерството за образование и наука. За 102 ученици албанци, запишани во гимназијата во Гостивар, МОН одлучи да има седум паралелки, за 52 ученика за турски јазик две и исто толку за 16 ученици за настава на македонски јазик. Годинава заради малиот број на ученици, во гимназијата бројот на паралелки се намали за две на албански и една на турски јазик. Управата бараше девет на албански, три на турски и две на македонски. Во гостиварската гимназија наставата на турски јазик ја изведуваат 28 наставници и ја следат вкупно 250 ученици.
Коментарите се затворени.