Средно економско се збратими со училиштето „Емел Озгур Субашај“ од Едрене,Турција
Гостивар, 8 ноември 2021 Со потпишување на договор за соработка, средното економско општинско училиште „Гостивар“ и стручното техничко училиште „Емел Озгур Субашај“ од Едрене, Република Турција и официјално се збратимија. Во иднина двете образовни институции ќе негуваат пријателство и ќе работат на меѓусебното разбирање и почитување на културата меѓу двете земји.
Според Тони Ефремоски директор на СЕОУ“ Гостивар“ целите на програмата на збратимените училишта е во насока на зајакнување на односите, разбирањето и почитта помеѓу луѓето, подигнување на културната свест и почит кон меѓусебните култури.
– Оваа соработка ќе значи и обезбедување нови можности за учениците, наставниците, стекнување на вештини за англиски јазик, развивање на меѓународната перспектива во рамките на училиштето, рече Ефремоски.
Директорот на училиштето од Едрене, Исмаил Еркараман придружуван од колеги се заблагодари на приемот и можноста да се соработува.
– Во иднина се планира размена на наставни ресурси, материјали за курсеви и наставни стратегии. Предвидуваме и размена на ученици, наставници и администратори за да се обезбеди можност да учат, работат и живеат во заедницата на збратимените училишта, рече Еркараман.
Во плановите на двете училишта во наредните три години предвидено е формирање клуб за организирање на патувања, истражување на најдобрите практики во областите и унапредување на наставните програми.
Иницијативата за збратимување започна во 2019-та година, но поради пандемијата беше одложена.
Во СЕОУ Гостивар наставата следат околу 270 ученици на три јазици: албански, македонски и турски, а во училиштето во Турција има околу 600 ученици.
Коментарите се затворени.