Проект на ИГИ: „16 дена активизам за борба против насилството врз жените“
Гостивар, 26 ноември 2021 Невладиниот сектор алармира дека појавата на сексуално вознемирување во нашето општество за жал поретко се пријавува. Во рамки на подобрување на состојбите на ова поле Здружението на Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) започна кампањата „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“. Во употреба е и апликација која ќе го олесни пријавувањето на ваквите случаи.
Активисти кои работат на проектот „Нулта толеранција за сексуално вознемирување“ во рамки на активностите, денес презентираа податоци за појавата поврзана со сексуалното вознемирување и се справување со родово-базираното насилство. Според координаторката Маја Христовска одлуката на владата за усвоените измени и дополнувања на кривичниот законик и воведувањето на новото дело „демнење“ се за поздравување. Во иднина, санкциите за вознемирување преку интернет ќе бидат повисоки, со оглед дека вакво нешто за жал сè почесто се случува.
– Сакаме да информираме дека спроведените анализи од страна на нашиот проектен тим укажуваат на тоа дека во нашата заедница високо е присутно сексуалното вознемирување, како форма на родово базирано насилство, а жените се најчести жртви на ваквиот вид насилство. Но, иако станува збор за едно од најсекојдневните форми на насилство, сепак истото е најмалку пријавувано и третирано, рече Христовска.
Таа, како исклучително скандалозни ги посочи случаи Јавна соба и Извидничкиот камп на кој присуствувале малолетни лица. Особено важно во овој случај е што сексуалното вознемирување не е доволно препознаено кај ниту пак доволно третирано.
Христовска јавно побара од надлежните институции да излезат со правична разрешница случај со кампот „Секс скаутс и рокенрол“ за кој постојат сериозни индиции дека станува збор за кривично дело во кое децата се жртви на манипулација и злоупотреба.
Наредниве две недели, од ИГИ ќе бидат ангажирани во поддршка на кампањата „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“. За таа цел ќе се организираат три едукативни работилници со локалното население и информативни средби со младите за подигање на јавната свест за важноста од во борбата со родово базираното насилство.
– Нашето здружение во јули оваа година дизајнираше и пушти во употреба мобилна апликација насловена како Виртуелни модринки. Истата има едукативен и интервентен карактер, содржи информации за правата на жртвите, совети за заштита и целиот протокол за интервенција во случај на родово базирано насилство. Во периодот што следува оваа апликација ќе ја надградиме и надополниме со содржини кои попрецизно ќе се фокусираат на сексуалното вознемирување и малтретирање, рече Анета Филиповска.
Во проектот „Нулта толеранција за сексуално вознемирување“ за наредните шест месеци предвидено е покрај кампања за справување со родово-базирано насилство, да се пружа помош и поддршка на жртвите преку специјализирано советување, застапување на жртвите и дистрибуирање на едукативни содржини до младите во локалната заедница.
Коментарите се затворени.