СДСМ бара поништување на одлуката за намалување на платите на наставниците
Гостивар, 3 ноември 2021 Советниците на СДСМ излегоа со реакција за одлуката на Советот на општина Гостивар со која платите за ноември на вработените во образованието ќе се исплатат со намалување од пет отсто. На прес-конференција тие оценија дека одлуката не е законска.
– Законот за наставници и стручни соработници јасно дефинира во кои случаи може да дојде до намалување на платите на наставниците и во никој случај да немаат врска со одлуката донесена на седница на Советот на општината. Општината е должна да ги обезбеди потребните средства, без да се осмели да донесе решенија со кои се намалуваат платите на работниците, изјави Ема Нешковска, советник од редовите на СДСМ во советот на општина Гостивар.
Реакцијата доаѓа по последната седница на советот пред која се одржа минатата недела кога по предлог на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се побара намалување на платите на вработените во основните и средните училишта во општина Гостивар за 5%. Во образложението, од локалната самоуправа беше напоменато дека скратениот износ ќе биде вратен во јануарскта плата.
За оваа одлука, Нешковска рече дека ќе биде испратен допис до надлежните институции и ќе бараат таа да се поништи и притоа оцени дека локалната самоуправа не работи одговорно.
– Доколку Советот на општина Гостивар и градоначалникот продолжат да постапуваат спротивно на законските одредби, да спроведуваат самоволие и да си поигруваат со правата на работниците, надлежните институции мора да преземат соодветни мерки со што би спречиле вакви непромислени одлуки во иднина. Никој не заслужува да биде оштетен поради финансиски малверзации од општинската власт, потенцира советничката Ема Нешкоска
Од секторот за финансии и буџет на општина Гостивар појаснија дека за да има исплата на плати, намалувањето е неопходно, а како причина наведоа дека до определниот рок училишните управи не ги доставиле потребните документите за пресметка. Доколку одлуката биде поништена можно е наставниците да останат без ноемвриската плата.
Коментарите се затворени.