Општина Гостивар и Улцињ ќе се збратимат

Гостивар, 22 декември 2021 (МИА) Досегашната соработка помеѓу општините Улцињ и Гостивар ќе биде заокружена со збратимување. Оваа одлука ја објави градоначалникот Арбен Таравари по средбата со амбадсадорката на Црна Гора.

Амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ денес оствари средба со нејзиниот домаќин на која се разговарало и за други актуелни состојби.

– На нашата втора средба во рок од една година, заедно потврдивме дека Северна Македонија и Црна Гора имаат добро пријателство и соработка, почитувајќи ги истите вредности, а тоа се Европската Унија и НАТО. За да го зајакнеме нашето пријателство, одлучивме општина Гостивар да се збратими со општина Улцињ. Од овој чекор очекуваме развој на туризмот, образованието и користењето на ЕУ-фондови за двата града, изјави Таравари по средбата.

Црногорската амбасадорка му го честиташе вториот мандат на градоначалникот Таравари и се интересираше за предизвиците во новиот мандат.

Од службата за информирање на општина Гостивар посочуваат дека на средбата беше разговарано и за улогата на Северна Македонија и Црна Гора во унапредувањето на односите меѓу земјите од Западен Балкан, каде граѓаните покажуваат демократска зрелост. Заеднички заклучок беше дека двете земји треба да продолжат да одржуваат добри билатерални односи и со тоа да ја зајакнат економската соработка.

згм

Коментарите се затворени.