Одбележана годишнината од снежната трагедија
Гостивар, 11 февруари 2022 (МИА) Одбележувањето на годишнината од трагедијата во која загинаа градежници што работеа на изградба на најголемиот хидроенергетски систем во земјава, помина со пригоден собир во близина на браната на Мавровското езеро. Во лавини кои го зафатиле подрачјето во 1956 година животите ги загубија педесетина, градители граничари и месно население.
Симболично, со положување на цвеќе пред споменикот на градителите, делегација на АД ЕСМ, предводена од раководството на ХЕС „Маврово“, им оддаде почит на загинатите градители, градејќи го хидроенергетскиот систем Маврово. Почит оддадоа и делегации на претпријтија на локалната самоуправа, Сојузот на акцијаши, новинари и НП „Маврово.
– Како вработени во хидроелектраната сакавме да останеме верни на традицијата и скромно, со идеја да не се заборави делото на загинатите градители ја одбележуваме 66 годишнината од нивната трагична смрт. Денес, со положување на цвеќе пред спомен-обележјето ги чествуваме луѓето кои се вградиле дури и со своите животи во своите работни задачи, за да изградат капацитети од витално значење за државата, -рече Ѓорѓи Божиноски директорот на подружницата ХЕС „Маврово“.
Зимата во мавровскиот регион ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 година се случила една од поголемите природни катастрофи во земјава. Од планината Кораб се струполиле снежни лавини врз бараките на градителите на мавровскиот хидроенергетски систем. Во снежните намети затрупани биле над 100 лица, а половината од нив успеале да се извлечат од белата смрт и да се спасат. Најголемиот дел од загинатите биле градители на мавровските хидроелектрани.
Во спомен на трагичниот настан востановен е и една од најстарите спортски манифестации „Мавровски меморијал“ меѓународен натпревар во скијачко трчање.
згм
Коментарите се затворени.