Средба за меѓусебно запознавање на полицајци и деца со посебни потреби

Гостивар, 18 февруари 2022 (МИА) Полициски службеници на Одделение за внатрешни работи Гостивар и од Отсекот за превенција имаа средба со децата кои го престојуваат во центарот на гостиварското здружение за лица со посебни потреби „Заедно можеме“ .

Во рамките на посетата тие поблиску ги запознаа децата со карактерот на нивните секојдневни професионални обврски и со опремата што ја користат за практично извршување на тековните задачи.

 – Децата, имаа можност да видат полициско возило, сообраќајни знаци и да слушнат од полициските службеници што значат знаците, да ги облечат на себе полициските униформи и заеднички да се фотографираат. Покрај тоа, на децата им беа доделени и пригодни подароци, како израз на грижата и респектот на МВР кон сите граѓани подеднакво и особено кон лицата со посебни потреби, наведуваат од СВР Тетово.

Денешната посета беше на покана на Здружението „Заедно можеме“ и претставува планирана содржина, односно дел од повеќегодишната успешна соработка на Одделение за внатрешни работи Гостивар.

– Ние и претходно сме имале такви средби, но сега во групите имаме и нови деца па сакавме и тие да се запознаат со полицајците. Тие често прашувале за полиција, пројавиле и интерес да се дружат со нив. На ваков начин сакаме да ги прикажеме како добри луѓе, кои се грижат за сите нас. Оваа соработка ќе продолжи и би сакал и останатите јавни личности и институции да пружат барем морална поддршка, која ни е неопходна, за да ги прифатиме децата со посебни потреби, со кои го делиме животот, рече Шпенди Салија претседателот на Здружението.

Во центарот што беше отворен минатата година згрижени се триесетина деца под надзор на негуватели и воспитувачи.

Коментарите се затворени.