Две основни училишта вo Гостивар ќе добијат ботанички градини
Гостивар, 19 февруари 2022 Во дворовите на основните училишта „Мустафа Кемал Ататурк“ и „Гоце Делчев“ наредниве денови ќе се постават конструкциите за идните ботанички градини. Тие се дел од проект изградба на два вакви објекти што Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) го спроведува во Гостивар. Целта е да се поврзат младите ученици со природата и да учат за екологијата преку директен контакт со природата.
Од ИГИ велат дека комплетирањето на конструкциите во локалната компанија „Картел“ е при крај и наскоро ќе бидат поставени. Веќе во март се очекува во нив да бидат засаден првите градинарски растенија и цвеќиња.
– Училишните градини (ботанички градини) стануваат дел од нашиот образовен систем. Тоа се места каде децата директно ќе учат во природа и ќе ја градат својата свест за здравата храна. На овој начин тие ќе се запознаат со производство на здрава храна без нарушување на животната средина, намалување на отпадот и рационално искористување на ресурсите. Тоа ќе биде можност за врсничка едукација кај учениците, вели Сунчица Ѓурчиноска проектен координатор.
Во соработка со наставниците, децата ќе може сами да засадуваат и огледуваат растенија карактеристични за средината во која живеат. Овој проект што ќе трае до февруари 2023 и е финансиран од ДБУ и Фондација Јенсен, со поддршка на Македонско еколошко друштво МЕД е замислен да ја подигне свеста за заштита на природата.
– Учениците од овие две училишта преку формираните еко-клубови ќе научат за важноста на екологијата преку директен контакт со природата. За таа цел предвидени се студиски посети на Национален Парк Маврово, Шар Планина и Негрево. Така ќе се запознаат со заштитни зони, биодиверзитет и да воспостават еколошка мрежа на млади луѓе со идеи за спроведување активности еколошки, вели Анета Филипоска извршен директор во ИГИ
Покрај ботаничките градини кои во иднина ќе бидат сопственост на училиштата, предвидено е да се изработи едукативен прирачник за наставници кои ќе поттикнуваат ученици во вештините за истражување, поврзувајќи го знаењето за учениците стекнати во формалното образование. Активностите и искуствата ќе бидат забележани во краток документарен филм.
Коментарите се затворени.