Одбележани 30 години од смртта на педијатарот Мифтар Курти
Гостивар, 18 февруари 2022 Роднините, колеги и пријатели ја одбележаа годишнината од смртта на педијатарот Мифтар Курти. Покрај придонесот во медицината, тој во гостиварско е познат и по неговиот ангажман во културниот, општествениот и политичкиот живот и како прв претседател на КУД „Беса“
Во спомен на делото на Курти кој важи за првиот педијатар Албанец во полошко, на неговиот гроб во Долна Бањица беа положени цвеќе, а во центарот за култура „АСНОМ“ се одржа комеморативна академија.
Неколку говорници, потсетија на деновите кога се дружеле и работеле со д-р Курти. Прим. Д-р Мифтар Курти во медицината покрај грижата за децата дал и свој придонес со над 20 научни и стручни трудови од областа на превентивната педијатрија.
– Во раните 70-ти заедно со уште неколку заљубеници во албанскиот фолклор од тоа време, Енвер и Шабан Стафај, Илми Дервиши го основаа КУД Беса, првото културно-уметничко друштво на албанците во Гостивар. За прв претседател беше избран Мифтар Курти, беше речено на академијата.
Семејството и пријателите планираат да започнат иницијатива со која некоја позначајна улица во градот ќе го носи неговото име. Тие симболично открија плоча со напис во селото Долна Бањица
Прим.д-р. Мифтар Курти е роден на 20 април 1928 година во гостиварското село Лакавица. Средното образование го започнал во Тирана, а го завршил во Тетово. Дипломирал медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што специјализирал педијатрија. Заради идеолошки разидувања со тогашниот систем за правата на албанците, тој е осуден во 1981 година и предвреме ја завршува кариерата. Почина во 1992 година.
Коментарите се затворени.