Брачниот пар алпинисти од Гостивар што го искачи Килиманџаро, свечено пречекани
Гостивар, 25 февруари 2022 (МИА) Брачниот пар Ајфер и Ќерамедин Зендели кои на 11 февруари го искачија највисокиот врв на афричкиот континет вечерва имаа пригоден пречек од роднините и колегите планинари. Тие беа и на прием кај градоначалникот на општина Гостивар.
Пред две недели, сопружниците Ајфер и Ќерамедин успеаја во нивната планинарска желба и го освоија еден од највисоките во светот врвот Ухуру на планината Килиманџаро.
Тие вечерва во салата на советот на општина Гостивар прикажаа и видео кое ги содржи нивните доживувања и предизвици од еднонеделната планинарска тура кон „покривот на Африка“. Топло добредојде Ајфер и Ќерамедин добија од планинарското друштво „Шари“ од Гостивар, во кое членуваат.
– Впечатоците и емоциите се силни. Имавме добро друштво со алпинисти од повеќе балкански земји, а ни се погоди и времето. Иако, групите кои беа пред нас велеа дека временските услови не се погодни, сепак ние продолживме. Вообичаено на врвот се останува десетина минути, ама ние останавме речиси час и половина и вредеше секој еден миг поминат таму, рече Ќерамедин.
Тие раскажаа дел од доживувањата и како го совладале напорот кој е потребен, бидејќи како што рече Ќерамедин, оваа планина не му дозволува на секој да ја искачи, посочувајќи го фактот дека од сто планинари на врвот стигнуваат четириесетина. Следни на списокот на овие гостиварски алпинисти се Елбрус и Арарат.
Градоначалникот Арбен Таравари на приемот искажа благодарност за честа која му ја направиле на Гостивар со истакнување на општинското знаме. Тој ги слушна нивните планови и им посака успех ним и на Здружението „Шари“ во следните експедиции.
Брачниот пар тргна на планинарска експедиција за да ја одбележат триесетгодишнината од заедничкиот живот. Утрото на 11 февруари 2022 година тие стигнаа до врвот на планината Килиманџаро на 5.895 метри надморска висина.
Ова е видеото на кое се забележани моменти од експедицијата на првите гостиварци кои се искажиле на Килиманџаро
згм
Коментарите се затворени.