Стогодишна историја потона во облак од прашина
Гостивар, 22-23 март 2022 Со еден удар, модерната механизација ја оконча агонијата на објект кој половина век е изложен на забот на времето без заштита и домаќин. Куп од камења, малтер и греди, ќе сведочат уште некое време, како лош спомен.
Непосредно по јавувањето на граѓани, го почувствуваме правот од малтерот стар повеќе од еден век. Куќа на улицата „29 ноември“ во самото градско јадро, опасно се накривила и започнала да се руши сама од себе. За да се спречи трагедија и да нема потешки последици, надлежните презедоа мерки за безбедност на граѓаните и околните објекти. Малата уличка беше блокирана и полицијата го обезбедуваше местото.
Меѓу првите за колапсот на старата градска куќа биле информирани и од институцијата Конзерваторски центар Гостивар. Вчера попладне таму имаше нивни претставници. За настанот се огласија со соопштение.
– Денес околу 16.00 часот до НУКЦ Гостивар беше доставена усна информација од граѓанин дека објектот кој е под заштита на улица „29 ноември“ е делумно срушен. Стручна екипа заедно со директорката на установата излегоа на самото место. По направениот увид беше констатирано дека делумно срушениот објект претставува ризик за граѓаните. Потоа беа контактирани сите релевантни институции, вклучително и МВР Гостивар, Општина Гостивар, Дирекција за заштита и спасување како и Дирекција за менаџирање со кризи, наведоа од Конзерваторски центар Гостивар
Полицијата првично го обезбеди просторот околу срушениот објект, а багер интервенираше ЈП Комуналец.
Рушењето на објектот го следеше и Мишко Јосифоски, еден од сопствениците. Тој кажа дека објектот е стар повеќе од еден век. Останал без грижа половина век, бидејќи последните жители во него се иселиле во седумдесетите години од минатиот век. Во меѓувреме се воделе постапки да се заштити.
Кога се појавија провите сериозни оштетувања на оваа стара куќа (ноември 2021 година) од институцијата Конзерваторски центар ни објаснија дека ја имаат утврдено фактичката состојба. Нивен стручен тим формиран специјално за овој случај констатирал дека од атмосферските влијанија се урнал дел од објектот. Еден дел градежниот материјал од приземјето, се урнал на коловозот. Крајната констатација на експертите е дека објектот сега претставува опасност за жителите во овој дел на градот и минувачите.
Соседите зборуваа дека некогашната „убавица“ станала грдотија и не уживаат во нејзина близина. Семејството Џафер, кои ги дели еден ѕид речеиси триесет години бараат чаре и тропланле на многу врати. Барале од сопственикот, општината, министерството за култура да биде санирана и заштитена ило краен случај срушена.
Во локалната самоуправа пројавија интерес да се реши овој проблем, но според ингеренциите, објектот има статус на културно наследство, за кое е надлежно министерството за култура и институциите со кои раководи.
Таква, запуштена во изминативе години билка и прибежиште на бездомници.
На крајот од сагата за овој дел во срцетото на Гостивар кој неповратно се изгуби, се наметна прашањето: Која е причината што Гостивар изгуби уште една вредност и дали навистина можеше да се избегне ваквата загуба.?
Коментарите се затворени.