Поетска ноќ во Центарот за култура АСНОМ
Гостивар, 21 март 2022 Љубителите на поетската реч имаа посебна вечер исполнета со стихови и музика. Настанот беше организиран по повод „Денот на поезијата“.
На сцената на малата сала беше изведена програма која започна со воведен дел во чест на 21 март Денот на поезијата. На сцената дваесетината учесниците/автори читаа свои творби, придружувани со музика на виолина, виолончело и пијано која ја изведоа Ана и Сара Илиевски. Поетската ноќ беше надополнета и со изведбите на Емилија Данилоска која отпеа песни на Салвадоре Адамо и Едит Пјаф.
Публиката имаше можност да слушне поезија на четири јазици (македонски, албански, турски и ромски). Меѓу учесниците имаше и реномирани автори кои имаат објавено повеќе збирки и добитници на многу награди и признанија во државава и надвор од неа. Во програмата беше отстапен и дел за поети аматери и млади таленти.
– Како што 21 март ги одбележува трите настани: денот на екологијата, денот на пролетта и денот на поезијата, со овој настан порачуваме да се исчисти негативната енергија насобрана кај сите нас од ковид пандемијата и од сите лоши настани. Како што се буди пролетта, да ги разбуди емоциите кај сите нас и со стиховите на поезијата да зачекориме кон една посветла иднина. Со ова сакаме да ги мотивираме младите да почнат да творат, а оние кои веќе творат уште повеќе да пишуваат. Перото на поезијата не познава граници, верски припадности, пол и возрасна граници, наведоа од НУЦК АСНОМ
Коментарите се затворени.