СДСМ Гостивар: Сè поблиску до ветувањето за просечна плата од 30.000 денари

Гостивар, 25 март 2022 Претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Игор Велјаноски придружуван од сопартијците на прес-конференција во летниот амфитеатар

зборуваше за економските политики на Владата. Тој потсети дека е реализирано ветувањето за зголемување на минималната плата, а дека наскоро ќе се достигне и ветениот износ за просечна плата во земјава до петстотини евра.

– Економските политики кои ги спроведува Владата предводена од СДСМ даваат видливи резултати, дури и во услови кога сме соочени со глобална економска и енергетска криза. Со политиките кои ги презема Владата предводена од СДСМ, се забележува континуиран раст на платите во сите сектори, а тоа значи повеќе пари во семејниот буџет на граѓаните, рече Велјаноски

Тој направи споредба за минималната плата, напоменувајќи дека минималната плата достигна 18.000 денари, што е како што рече зголемување за двојно повеќе во однос на времето на ВМРО-ДПМНЕ кога истата изнесувала 8.800 денари.

Првиот човек на гостиварските социјалдемократи, посочи дека покрај овие веќе реализирани проекти и политики кои директно влијаат врз подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.

– Веќе извесно е дека сме сè поблиску до исполнување на едно од најважните изборни ветувања, односно просечна плата од 30.000 денари, којашто во јануари 2022 година изнесува 29.980 денари. Ова се реални, видливи податоци кои ја потврдуваат успешноста на економските политики на СДСМ, рече Велјаноски.

Тој се осврна и на антикризните мерки со кои во услови на глобална економска и енергетска криза им се помага и на граѓаните и на компаниите.

Коментарите се затворени.