Сметките за струја за пумпите за вода во Чегране и Форино ќе се плаќаат од општинската каса

Гостивар, 29 март 2022 (МИА) Локалната власт ќе ги намирува фактурите електрична енергија која се троши за пумпните станици преку кои се обезбедува вода за пиење на селата Чегране и Форино. Одлуката беше донесена на седмата седница на советот на општина Гостивар.

За да се обезбеди редовно снабдување со вода за пиење на околу седумнаесет илјади жители, наредниов период од општинската каса ќе издвојуваат по околу 300 илјади денари за еден месец. На денешната седница на советот, во дебатата по оваа точка беше појаснето дека ваквото решение произлегло откако биле завршени преговорите со добавувачот на електрична енергија.

Претседавачот на советот, Ваљбон Лимани пред советниците образложи дека жителите на двете најголеми села во општина Гостивар ќе се соочат со недостиг од вода за пиење, заради исклучување на струјата. За овој проблем било преговарано со компанијата добавувач, бидејќи во меѓувреме неплатениот долг за струја достигнал 1,5 милиони евра (над 90 милиони денари) кој се таложел од 2005 година.

 – Долгот е направен додека функционирало ЈП „Хигиена“ кое ги одржувало системот за водовод и канализација и комуналната хигиена. Постигнавме договор, да не се исклучува струјата, доколку тековните фактури навреме се раздолжуваат. Додека траат процедурите за преземање на обврските и надлежностите и да спречиме последици и проблеми, ова е единственото можно решение, рече Лимани.

Месечните обврски за редовно снабдување кое се обезбедува со пумпни станици, се движат од 250 до 300 илјади денари, зависно од потрошената струја.

На седницата беше кажано дека, жителите од овие села не добиваат сметки за вода во изминативе години, откако ЈП „Хигиена“ ликвидирано со одлука на совет.

Планот на општинската власт е ингеренциите околу водоснабдувањето, комуналната хигиена и канализација да се префрлат на градското комунално претпријатие „Комуналец“ и да се воведе ред во овој дел на општината и трајно решевање на комуналните проблеми. Минатата година, заради дефекти и одржување на водоводниот систем локалната власт плати над 30 илјади евра.

згм

Коментарите се затворени.