Одделението на ДПИ во Гостивар од денес работи во целосно обновени простории

Гостивар, 31 март 2022 (МИА) Вработените во одделението на Државниот пазарен инспекторат на одделение Гостивар од денес ќе работат во значително подобрени услови. Преку донација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), набавен е нов инвентар, опрема, а просториите се целосно реновирани.

На пригодната свеченост по повод официјалното пуштање во работа на новите работни простории на ДПИ одделение Гостивар зборуваше директорката Анета Симеска-Димоска која се осврна на неопходноста од подобрување на условите за работа.

            – Државниот пазарен инспекторат има 275 вработени во вкупно 30 градови низ државата кои во извршувањето на своите законски ингеренции се соочуваат со големи проблеми од аспект на материјално-техничките услови. Сакам да искажам благодарност до ТИКА која ја препозна потребата од реновирање и опремување на работните простории на ДПИ во поодделни градови, а со тоа и да се зголеми квалитетот, ефикасноста и ефективноста на вработените и на институцијата, рече Симеска-Димоска

Таа нагласи дека со поддршката од страна на ТИКА преку два одделни проекти се подобриле условите за работа на вработените во одделението Гостивар и одделението Куманово.

Со последниот проект и соработката на ДПИ и ТИКА одделението Гостивар има нови реконструирани десет канцеларии со 30 бироа, 42 столчиња и плакари.

Програмскиот координатор на ТИКА во РСМ Халим Омер Согут истакна дека во земјава досега финансирале на 1.100 проекти во речиси сите области и дека тоа ќе продолжи во иднина, бидејќи како што рече, двете земји ги врзува повеќевековна заедничка историја.

Директорката на ДПИ, Симеска-Димоска одговарајќи на новинарско прашање околу спроведените контроли во трговијата во март рече дека се извршени 715 надзори. Биле утврдени 50 неправилности, а биле изготвени 100 платни налози чија вредност достигнува близу 210 илјади евра во денарска против вредностСо поддршката од ТИКА претходно беше подновено одделението на ДПИ Куманово, односно постоечките 10 работни простории, набавена компјутерска опрема за вработените (19 компјутери, 9 мултифункционални печатари) 20 бироа, 14 плакари и 37 столчиња.

згм

Коментарите се затворени.