Две основни училишта добија ботанички градини
Гостивар, 11 мај 2022 (МИА) Две ботанички градини се предадени во сопственост на основните училишта „Гоце Делчев“ и „Мустафа Ќемал Ататурк“ како дел од соработката на проектот „Едукација на еколошки свесни генерации“ што го реализира Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) Гостивар.
Освен за надградување на знаењата од ботаниката и биологијата, учениците ќе се запознаваат со одгледување на градинарски растенија за исхрана и зачински билки.
– Основно е да ги поврземе децата со природата преку работа во градината. Така ќе научат и запознаат кои растенија опстојуваат во овој крај, начините на засадување, обработката на земјата и сè што е потребно за одгледување на растенијата, рече Сунчица Ѓурчиноска, проектен координатор во ИГИ.
Таа надополни и дека во работата со децата ќе се вклучат и наставниците по природни науки, но и учителките и наставниците по другите предмети кои на свој начин ќе ги искористат како ресурс за нивните предмети.
На пригодната свеченост ОУ „Мустафа Ќемал Ататурк“ на која имаше и претставници од општината беше искажана благодарност за успешната реализација на овој проект. Раководителката на општинскиот Сектор за образование, Аслијан Снопче напомена дека ова е одлична пример за проширување на знаењата на учениците по природните науки и очекува овие градини да ги посетуваат и други ученици.
Директорот на училиштето Нури Мазлам истакна дека на ваков начин ќе се поттикне интересот за земјоделието и децата од мала возраст да добијат основни познавања за ботаниката како наука.
Овој проект што ќе трае до февруари 2023 и е финансиран од ДБУ и Фондација Јенсен, со поддршка на Македонско еколошко друштво МЕД е замислен да ја подигне свеста за заштита на природата.
Покрај ботаничките градини кои во иднина ќе бидат сопственост на училиштата, предвидено е да се изработи едукативен прирачник за наставници кои ќе поттикнуваат ученици во вештините за истражување, поврзувајќи го знаењето за учениците стекнати во формалното образование. Активностите и искуствата ќе бидат забележани во краток документарен филм.
згм
Коментарите се затворени.