ЧУДЕСНИОТ СВЕТ НА АЛИСА – Театарска претстава за големи мали
Гостивар, 31 мај 2022 Во пресрет на премиерната изведба на театарската претстава „Чудесниот свет на Алиса“, Radio G доби ексклузивна можност да ги проследи завршните подготовки и да ви пренесе дел од пораките на учесниците во овој нов театарски проект. Оваа претстава која по својата содржина е наменета за широк спектар на публика ќе се игра во четврток на големата сцена во Центарот за култура „АСНОМ“.
Режисерот на претставата, Ѓорѓи Нешкоски смета дека е таа е наменета за целата публика, посебно за младата генерација – дечиња од 6-15 години. Во неа се вклучени млада генерација на актери кои изминатиов период неуморно работеа во нејзиното создавање. Што ја прави атрактивна, што се крие во земјата на чудата и каква порака ќе пренесе за Radio G појаснува режисерот.
– Голем дел од луѓето се сериозни, одговорни, имаат постојано обврски, жонглираат со времето и денот им е испланиран до последен детаљ. Целиот тој притисок и загриженоста нè претвораат во роботи, па понекогаш забораваме на магијата која ја нудат сосема обичните нешта во животот. Забораваме да се смееме, да сонуваме и да веруваме во невозможни нешта. Но, во земјата на чудата не важат тие правила, вели Нешкоски.
Тој топло препорачува со следењето на претставата да си дозволиме малку опуштање и да си дозволиме да се однесуваме будалесто.
– Така ќе почнеме да ги забележуваме сите можности околу нас, ќе се охрабриме, а тоа ќе ни ја врати надежта и светлината во животот. А што има лошо во тоа да си помислиш неколку невозможни работи уште пред да појадуваш? „Сакам да се унапредам“ … „Сакам да добијам поголема сума пари“ … „Сакам да се вљубам“. Ништо не е невозможно е крајниот заклучок и пораката на претставата, подвлекува режисерот.
На претставата покрај младите актери и режисерот, работеа и Теодора Волческа (костими и декор), Далибор Јаќимоски (сценографија) Војкан Јаковлески (избор на музика и техничко водство), Александар Нешкоски (асистент на режија и визуелни ефекти).
Оваа претстава е поддржана од НУ Центар за култура АСНОМ и Министерството за култура.
Почетокот е закажан за во четврток (2 јуни), а влезницата има симболична цена од 100 денари.
Коментарите се затворени.