Лицата со посебни потреби добија претставник во советот на општина Гостивар
Гостивар, 17 јуни 2022 На последната седница на Советот на општина беше верификуван мандатот на новиот член Џеват Фејзули. Советничкото столче на актуелниот претседател на здружението на слепи и лица со оштетен вид „Реалност“ му го отстапија кандидатките кои беа на листата на Алијанса за албанците.
Во обраќањето пред советот, Фејзули посочи дека овој пример треба да го следат и останатите општини кога станува за спроведувањето на инклузивноста на лицата со посебни потреби.
– Драго ми е и се радувам на можноста преку Советот на Општина Гостивар да се залагам за правата и потребите на лицата со посебни потреби и нивната инклузивност. Општинската власт и градоначалникот до сега направија многу во таа насока, но секогаш може повеќе. Овој пример го сметам за добар и да го следат останатите институции и општини, кога станува збор за доброто на лицата со посебни потреби, рече Фејзули.
За да се овозможи подобро следење на седниците претседателот на Советот, Ваљбон Лимани најави дека салата во која се одржуваат седницата наскоро ќе биде уредена и адаптирана според потребите на лицата со попреченост.
– Вложуваме напор максимално да ги исполниме условите кои се неопходни за работа. Имаме проект за реновирање на салата кој предвидува адаптирање не само за нашиот колега Џеват, туку и за сите лица со посебни потреби. Со оглед на неговата состојба, материјалите за седниците ќе му бидат доставувани напишани на Брајово писмо, потенцираше Лимани.
Пред првата седница, новиот советник Фејзули беше на прием кај градоначалникот Арбен Таравари кој искажа благодарност до неговите сопартијки за солидарноста и давањето можност во советот да влезе лице кое ќе се залага за подобра иднина на сограѓаните со попреченост.
– Џеват Фејзули, успешно раководи со здружението за слепи и лица со оштетен вид „Реалност“ и од денес тој е првиот човек кој ќе дискутира и инсистира за подобро утре на луѓето кои имаат посебни потреби. Би сакал да ѝ се заблагодарам на советничката Беса Мухареми која беше втора на листа, а се повлече под услов Џеват да дојде на нејзино место, рече Таравари. Градоналникот појасни дека според правилата кога една жена се повлекува од Совет неа треба да ја замени исто така, жена, но сите други жени од листата на Алијанса за Албанците се повлекле без збор и го отстапиле местото.
Коментарите се затворени.