The Park Festival (Парк фестивал) годинава со четиридневна програма

Гостивар, 15 јули 2022 (МИА) Годинава манифестацијата „Парк фестивал“ (The Park Festival) ќе трае четири дена и Гостивар ќе биде домаќин на познати и реномирани изведувачи на популарна и електронска музика. Покрај нив во дополнителната програма ќе се претстават млади уметници со ликовни дела и перформанси.

Четвртото издание на фестивалот ќе започне од 21 јули со програма за најмладите, а ќе заврши на 24 јули со настапите на реномирани артисти во градскиот парк во Гостивар.

Од „ИнБокс Ентертејмент“, организаторите на манифестацијата за Radio G велат дека главните настани се настапите на артисти кои се популарни и актуелни како во регонални, така и во светски рамки.

            – Годинава концептот е насочен кон помодерниот музички израз. За таа цел ги обезбедивме и на големата сцена ќе настапат: Ноизи, Ул Лимани, Мс Креша, Лирикал Сан, Габриел Ананда, Слаткаристика, 2Бона, Лаура Крлиу & Бенд, МИМ, Сикрет 47, Јертон, Матеј Фолтц, Сир Фикс, диџеј Че, Кас, диџеј Метто, Зи Бомб, Кипман, Агони, Фљамурс, Доли и Вејви и уште неколкумина други. Надвор од програмата, волонтери ќе прават и ќе постават куќички за птици, кои ќе им служат за гнезда во градскиот парк, вели Ертон Весели музичкиот директор на Тhe Park Festival 2022.

Тој надополнува дека фестивалот ќе го дополни една спортско-рекреативна активност, односно турнир во баскет/стритбол. Годинава ќе се даде простор и на младите таленти, а токму на првата вечер тие ќе бидат вклучени во програмата со пеење, танцување, сликање, цртање.

            – Тhe Park Festival 2022 и оваа година продолжува со единствена желба и мисија, преку уметноста на музиката да ја сузбиеме вознемиреноста што ја доживеавме досега. Кај нас постои желба да овозможиме едно мало бегство од реалноста и да ја „нахраниме“ душата со оригинални вредности пренесени преку музиката. Тоа е всушност и главната цел на четвртото издание, вели Јетон Весели организацискиот директор на фестивалот.

Сцената на кој ќе се одржуваат настапите е простор во големиот градски парк, а во попладневните и вечерните часови на шеталиштето на кејот ќе се организираат дополнителни активности кои се дел од фестивалот.

Манифестацијата финасиски е поддржана од Министерството за култура и општина Гостивар.

Коментарите се затворени.