Таравари: Обвинувањата од ДКСК се обид за политичка дискредитација

Гостивар, 6 септември 2022 (МИА)   Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на прес конференција ги отфрли обвинувањата околу неговата вмешаност во случај за дивоградба кое вчера ги искажа член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тој оценува дека станува збор за неосновано обвинување  кое содржи политички притисок од партии кои се на власт.

– Ова е класичен обид за лична дискредитација. Претходно се обидуваа со контроли на финансиската полиција да најдат незаконитости, но не успеаја, па сега преку ДКСК сакаат истото да го прават. Ме обвинуваат дека три години сум држел во фиока предмет и не сум постапувал по него. Тоа не е точно, бидејќи постапувано е по тој предмет во повеќе наврати. На ваков начин се пресметуваат политичките неистомисленици, бидејќи членот на ДКСК е член на ДУИ. Па така,би им препорачал на антирокупционерите да ги видат дивоградбите во Сарај, Чаир, Стрга и Струмица и нема никакви постапки, рече Таравари на прес конференцијата.

Тој пред новинарите покажа документи и појасни дека станува збор за објект куќа, а не зграда, за чија градба е издадена дозвола во јули 2018 година. Три месеци подоцна, откако почнала изградбата, надлежната градежна инспекција констатира дека има отстапување. Според него, инспекторите во два наврати со решение побарале да се отстрани делот кој е вишок, но за уривање потребна е судска одлука.

Таравари нагласи дека во рамки на надлежностите,  лани е поднесена пријава до ОЈО Гостивар каде се работи по предметот и како што рече, додека не заврши истрагата и не биде донесена судска одлука, локална самоуправа не може да преземат следни чекори.

Таравари пред новинарите се осврна и на барањето кое како предлог е доставено до ЗЕЛС и МОН и се однесува на должината на зимскиот распуст. Тој пред една недела препорача продолжена пауза за оваа учебна година која би траела во декември и јануари. Идејата е да се заштеди на трошоци и да се надмине кризата.

            – Токму во овој период е најстудено, а се отвора можност да заштедиме енергија за затоплување. Во контакт со повеќе колеги градоначалници, добив нивна поддршка и тие сметаат дека трошоците за струја ќе влијаат сериозно врз работењето на општините. Ништо не ќе може да се сработи, бидејќи треба да ги покриваме трошоците кои се енормно и неколкукратно повисоки. Централната власт мора да го земе овој предлог предвид, со оглед дека во зимскиот период овие трошоци ќе пораснат и ќе бидат сериозен удар врз државната буџетска каса, која е празна, рече Таравари.

згм

Коментарите се затворени.