Гостивар, 18 септември 2022 Во предвечерието на јубилејниот концерт на Владо Глигоровски RADIO G направи разговор со еден од најплодните артисти на музичката сцена во Гостивар и околината. Зад него е импозантна дискографија за што сведочат над стотте снимки во архивите на музичката продукција. Триесетте години кариера како солист ни ги раскажа низ пријатен муабет. Откри неколку детали за програмата која ќе биде своевидна „гала вечер“ исполнета со настапи на големи ѕвезди на народната музика и зошто го одбра православниот празник Рождеството на Богородица (Мала Богородица) да биде денот на концертот. Во разговорот со Владо дознавме за неговите почетоци и за случајната средба и понудата на Мате Груески еден најзначајните композитори и продуценти на народна и изворна музика. Постарите генерации и љубителите на изворниот мелос, Владо го паметат по неговите настапи, а пријателите го знаат како семеен човек и успешен во бизнисот.
Од настап на училишна претстава до фестивалските сцени
Неговиот животен пат започнува во 1956 година од родниот Врбен, село на кое е особено горд. Одраснал во семејство во кое музиката имала значајно место. Неговата мајка свирела тамбура, а сите пееле и играле. Неговиот талент и желба за пеење ќе го качат на сцената на една училишна приредба како осмоодделенец. Подоцна како средношколец станува член на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“. Набрзо, станува солист и на концертите изведува традиционални песни. Во меѓувреме ќе стане и машински инженер, а ќе работи како раководител на царинска филијала. Во тие, 80-ти години од минатиот век по еден од настапите со „Браќа Ѓиноски“ во моментите на дружење неговото пеење ќе го слушне Мате Груевски.
– Често се случуваше откако ќе завршеа концертите да се дружиме и да пееме. Така беше и во таа 1987 година. Ми пријде човек, кој искрено не го познавав и замоли да ги отпеам „Река гази малој моме“ и „Море чие ли она девојче“. Ме праша дали сум од Горна Река и дали ја знам „Кој ти ги даде море тие црни очи“, потврдно одговорив и му ја отпеав. Наместо комплимент, ми предложи да одам на аудиција во тогашната радио-телевизија Скопје. Јас бев воодушевен од предлогот, сепак не можеше секој да влезе таму и да пее. За ова разговарав со сопругата Снеже. Таа не беше воодушевена, со оглед дека работев во царина, а пејачката кариера не би се вклопила со професијата. Некако се убедивме и отидов. Во комисијата покрај Мате беа и Љупчо Трајковски Фис и Миле Барбаровски, отпеав неколку песни и набрзо од нив добив потврда дека може да бидам солист на тогашната продукција. Од нив добив збирка со над 400 изворни и чалгиски песни и од нив изберам неколку, се присеќава Владо.
Набрзо следуваат пробите и снимањата со чалгискиот оркестар, па така во период од две години ќе сними десетина песни, за подоцна таа бројка надмине седумдесет. Во меѓувреме следуваат и десетина настапи на фестивали. Музичката кариера на Владо веќе зема замав и тој размислува биде пејач-професионалец. Одлуката доаѓа по еден фестивал. Одблизу ја запознава другата страна на медалот и однесувањето на колегите, кои за дојдат награда и победа се служат со местенки и нечесни работи. Тоа лошо искуство го разочарало и решил да се посвети целосно на бизнисот, а музиката ќе биде во втор план. Па така ќе продолжи да снима за МРТВ. Во периодот што следи прифаќа покани за јавни настапи во емисии, прослави, а добива и покана од продукцијата на „Мистер компани“ да сними це-де со 17 народни песни и еден албум со 10 песни со оркестарот Малешевски трубадури. Под истата етикета ќе издаде и албум со 12 фестивалски и чалгаџиски песни.
Огномети, оружје и лов
Владо Глигоровски го следи и еден податок што го знаат повеќето љубители на оружјето. Тој во раните деведесетти години од минатиот век решил да отвори сопствен бизнис и да биде првиот во Македонија со одобрение да продава оружје и муниција, пред сè ловечко. Така станал и омилен кај ловџиите. Дружењето со нив го преточил и во организирањето на ловечките вечери, кои и ден денес се паметат по наградите и програмата. Во последниве години, Владо е познат и по организирањето на огномети и ракување со пиротехника. Многу веселби, прослави и одбележување на значајни датуми станале погламурозни, токму заради раскошот од бои кои ќе го украсиле небото. Горд е што ја уприличил и прославата на 20 години Независност на Македонија со огномет кој траел 15 минути.
– Првиот поголем огномет се случи на една прослава на Божиќ. Тогашниот митрополит г. Кирил даде благослов покрај палењето на бадниковиот оган да направиме огномет, па таа традиција трае уште ден денес, а исто така подоцна и за Велигден. Ваквиот начин на прослава го прифатија и во други градови и изминативе години нив ги има многу на број. Од овој дел најмногу ќе ги паметам оние кои се организираа по повод одбележувањата на годишнини од независноста на Македонија во Скопје. Секако тука се и фестивали Струмичкиот карневал, пречеците на кошаркарската репрезентација, па прославите на ракометните успеси, се присетува Владо.
Дел од неговата дејност подоцна се префрла и сферата на ловството и станува концесионер на неколку ловни ревири и организира лов и се грижи за животните во тие области.
Ктитор и поддржувач на традицијата.
Животниот век на Владо е тесно поврзан со православието и неговите пријатели го знаат како голем верник. Таа врска има корени во неговото детство. Почитта кон православието се негувала во неговото семејство, а за тоа најмногу придонела неговата баба. Таа како невеста изгубила пет деца на мала возраст и спас побарала во црквата.
– Тоа е приказна која за многу ќе биде чудна, но е вистината. Таа барајќи чаре за маката, се исповедала кај локалниот свештеник. По што почнала да служи во црквата во Врбен. Откако се посветила на црквата и на Бога, таа раѓа уште седум деца и сите пораснале. Таа љубов ја пренесе и на сите, па така, секоја вечера започнуваше со молитва, а јас заспивав со нејзините молитви. Кога направивме нова куќа во Врбен, таа посака да има едно мало катче за кандило и молитва, еден своевиден параклис. Заради таа традиција, подоцна во викендичката во Маврово, доградив еден простор со ѕвоно, во кој верниците, најмногу соседите, доаѓаат да запалат свеќа и да се помолат.
Како верник Владо е познат и како иницијатор за возобновување на манастирот Св. Петка на Кожа, близу Врбен, познат и како врбенски манастир. Заради скромноста и православниот дух не сака да зборува за тоа каде и колку помогнал за возобноување на цркви и манастири.
Богатиот фолклор и традицијата мора да се негуваат.
Напливот на новото време, новите навики и начин на живот се своевидна закана да се загуби културата и традцијата која нашите предци ја чувале со векови. Покрај негувањето на изворната песна, Владо Глигоровски и неговото семејство ги чуваат од заборав обичаите и раскошната носија од мавровско реканскиот крај.
– Многу пати сум рекол, па и во оваа прилика ќе повторам: Нема здраво и добро дрво, без длабок корен!. . Жално е што поновите генерации послабо се заинтересирани да ја негуваат традиционалната музика. Еве, како пример, нема веселба и радост ако не се запее, а таа радост е поголема кога се пеат токму старите песни. Така било и во дамнешните времиња. Кај мене дома е поинаку, имаме почит и кон традицијата и кон музиката. Моите ќерки едната адвокат, другата економист, се трудат да го следат тој тренд, не толку со музика, но со радост на прослави носат стари носии. Внукот Даре покажува афинитет кон музиката и го мотивирам да свири народна музика, па низ шега му велам не можеш да свириш забавна музика ако не ја научиш народната.
Владо упатува апел до помладите генерации да се дружат повеќе меѓусебе и да се посветат на зачувување на традицијата и семејните вредности.
Концертот кој е ќе биде во среда навечер (21 септември 2022) е замислен како музички времеплов низ тридецениската кариера во три делови во придружба на фолклорната група на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“. Во првите два, публиката ќе ги слушне изведбите од неговите сами почетоци: „Море со Коњ тргнав по Горна Река“ „Си Заљубив Девојче Мавровчанче“, „Севде мори Севде Севдалино“, па ќе следат „На сокак седа“, „Постој бре Дејче“ заедно со гостите на концертот.
Во финалниот дел ќе настапат и неговите соработници и ќе ги отпее позапазените фестивалски песни, „Балада“ (со Атина Апостолова), „Ангелина“ – (посветена една од ќерките) и последната за внуката „Бисера аманет од дедо“
На јубилејниот концерт на Владо Глигоровски, присуство најавија гостите пејачи: Наум Петрески, Зуица Лазова, Круме Спасовски, Атина Апостолова, Виданка Георгиева, Дарко Билбиловски, Христос Еленидис-Рус, Вики Среброва и оркестарот „Фаворити“.
Коментарите се затворени.