Промовирана збирка раскази на Александар Михајловиќ „Светлината на светот“
Гостивар, 30 октомври 2022 Збирка раскази на Александар Михајловиќ со наслов „Светлината на светот“, вчера беше промовирана пред читателската публика во Гостивар. Осврт за најновото книжевно дело на овој гостиварец даде Билјана Дејановска, која го напиша и поговорот на книгата.
– Расказите секогаш предизвикуваат восхит, посебно кратките раскази со куси пораки кон читателите. Читајќи ги расказите на Михајловиќ доживеав дежа ви, потоа си припомнав дека всушност тие се дел од животот, испреплетен од настаните на секојдневието, за кое пишува авторот. Приказните се пишувани во прво лице, има ликови од опкружувањето, соседството, измислени, несекојдневни, рече Дејановска на промоцијата во Центарот за млади заедницата.
Авторот кој на публиката досега и беше познат како поет и има објавено две стихозбирки („Алтани и други“ и „Помалку измамени“) за првото прозно дело ќе каже дека тоа е порака до младите автори да бидат посамоуверени и творат без ограничувања.
– Ова дело го создавав последните две и пол години и се надевам дека ќе ја пронајде својата публика. Кратки раскази како инспирација, кратки, но, ефективни со порака до читателите. Инспирацијата е секојдневна, несекојдневна. Патувањата се исто така испреплетени, луѓето од околината како и оние кои се многу далеку, истакна Михајловиќ во своето обраќање.
На промоцијата дел од расказите прочитаа Ева Дејановска и Симона Филипоска. Уредник на изданието е Татјана Гогоска, лектурата ја направи Габриела Петроска, а графичкото уредување Едона Османи.
Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура, како дел од годинешните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022.
Александар Михајловиќ е роден во Гостивар, 1971 година, работи како наставник и добитник е на награди за поезија во земјава и странство. Негови стихови се наоѓаат во повеќе антологии и збирки.
Коментарите се затворени.