Кампања: „Подај рака и промени живот, стани згрижувач“

Гостивар, 21 октомври 2022 (МИА) Во рамки на националната кампања „Подај рака и промени живот – стани згрижувач за промоција и зголемување на бројот на згрижувачки семејства денес во Гостивар се одржа информативна средба.

Во центарот Ај Кен (iCan) пред заинтересираните граѓани, претставници на СОС Детско село ги презентираа придобивките од згрижување и начинот на кој може да се стане згрижувач.

            – Целта на оваа кампања е токму развивање и ширење на мрежата на згрижувачки семејства низ целата држава. На ваков начин непосредно да се приближиме до граѓаните, да ја објасниме улогата и значењето на згрижувањето како форма на заштита на децата без родители и родителска грижа и има потреба да биде згрижено со овој вид на форма – истакна Ана Панчева, раководителот на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „11 Октомври“.

 Таа дополни дека згрижувањето е форма на грижа која треба да се унапредува, со цел да нема деца во институциите туку секое дете коешто има потреба од грижа, да биде згрижено во згрижувачко семејство коешто е најблиска средина до биолошкото семејство.

Особено внимание привлече излагањето на скопјанката Фикрија Ајрула која повеќе од две децении е згрижувач и ги сподели нејзините искуства. Таа сега има згрижено две деца. Едно од згрижените деца има 29 години и сè уште живеат заедно.

            – Некои од децата склучија брак од кај мене и сè уште одржуваме близок контакт. Иако сме згрижувачко сепак останавме семејство. Сметам дека нема похумана и поблагодарна работа од оваа и ги охрабрувам заинтересираните да ги посетат локалните Центрите за социјална работа и да дознаат повеќе за овој процес, рече Ајрула

            Во Гостивар досега немало згрижувачко семејство. Од поширокото гостиварско подрачје пет деца чекаат на згрижување, а седум се во згрижувачки семејства, но во други градови. За да се поттикне загрижувачкиот процес, локалната самоуправа ќе издвојува по 10.000 денари месечно на секое семејство.

            – На Гостивар му се потребни згрижувачки семејства, бидејќи секое напуштено дете подобро расте во семејство и се социјализира. Исто како што досега сме доделувале парична помош и поддршка за успешни ученици, децата со посебни потреби, лицата со ретки болести, така ќе биде и овој пат, рече градоначалникот Арбен Таравари во обраќањето на промотивната кампања.

Според Александра Мојсова претставник од СОС „Детско Село“ во државата има 574 згрижени деца во 324 згрижувачки семејства. Згрижувачките добиваат стручна помош и поддршка, но и месечен надомест за згрижено дете, надомест за згрижувач и други придобивки.

Сите кои се заинтересирани да станат згрижувачи, повеќе информации можат да добијат на телефонскиот број 075/277-477 и веб-страницата http://www.zgrizuvanje.mk

згм

Коментарите се затворени.