Слаб интерес кај гостиварци за КОВИД вакцината

Гостивар, 27 октомври 2022 (МИА) Изминативе три месеци, драстично е намален бројот на лица кои се вакцинираат против Ковид 19 во Гостивар, оценува д-р Дафина Богдановска одговорна во службата за вакцинација во Здравствен дом. Таа вели дека неделно, во просек вакцина примаат по пет лица. Според неа бројката на заболени од Ковид 19 во овој период има растечки тренд и ги охрабрува граѓаните да преземат чекори за да се заштитат.

            – Заинтересираноста не е како претходно и тоа е евидентно во овие три-четири месеци. Вчера го имавме последниот пациент, млад човек кој прими прва доза, но генерално за една недела вакцинираме најмногу пет. Препорачувам да се заштитат барем повозрасните, особено оние кои досега не биле вакцинирани, вели Богдановска.

Таа посочува дека вакцинирањето за Ковид 19 е безбедно и за граѓаните кои веќе примиле или планираат вакцина против сезонскиот грип и не предизвикуваат компликации.

            – Контраиндикациите се минимални и при примање на едната и на другата вакцина. Овие две вакцини може да се примат во ист ден, појаснува Богдановска.

Во Здравствен дом Гостивар има во резерва доволно количини од вакцините на производителите Фајзер и Синовак, а граѓаните може да вакцинираат во период 11 до 14 часот во работните денови.

Во инфективното одделение во гостиварската болница се лекуваат седум лица, од кои еден 90 годишник има потешка клиничка слика. Последните два случаи на новозаразени беа регистрирани за време на викендот.

згм

Коментарите се затворени.