Расветлено убиството во Вруток, осомничен е сопругот по кој се трага

Гостивар, 8 ноември 2022 – Гостиварската полиција осомничи едно лице за убиство кое се случи во април годинава. Осомничениот е П.А. (67) сопругот на жената која беше најдена во нивниот дом со тешки повреди по телото и главата, а по него се трага половина година и е недостапен.

Од СВР Тетово информираат дека Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар вчера (7 ноември) до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против 67-годишниот П.А. од гостиварски Вруток поради основи на сомнение дека извршил убиство на неговата 55-годишна сопруга Б.А., кривично дело казниво по член 123 став 2 точка 1 и 2 од Кривичниот законик.

– Пријавениот П.А. се сомничи дека на 23-ти април годинава во периодот од 21 часот и 30 минути до 24 часот во семејниот дом во Вруток со употреба на физичка сила и остар предмет и нанел повреди на главата и телото на сопругата, по што со такси го напуштил местото и заминал во Скопје, наведуваат од СВР Тетово.

Насилната смрт на жената беше предмет на полициска истрага и подолго време се истражуваа мотивите и можниот сторител. Сопругот непосредно по настанот исчезна, а полицијата извесен период ја пребаруваше околината на Вруток за да го пронајде, бидејќи беше осомничен како можен сторител. Убиството на Б.А. ја вознемири јавноста најмногу заради тежината нанасените повреди и свирепоста. Дополнителна мистериозност на настанот беше и исчезнувањето на осомничениот за кого се шпекулираше дека можеби и е жртва. Од извори на Radio G дознаваме дека постојат цврсти докази дека сопругот е сторител, кое надлежното обвинителство ќе ги разгледа и отвори предмет.

згм

Коментарите се затворени.