Полицијата открила двајца малолетници во казино и обложувалница
Гостивар, 19 декември 2022 (МИА) Сопствениците на едно казино и обложувалница во Гостивар ќе се соочат со глоби, откако викендов полицијата открила двајца малолетници кои играле игри на среќа. Од СВР Тетово информираат дека викендот што измина (16 декември), полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Гостивар спроведоа уште една од серијата акциски контроли во казина и спортски обложувалници.
– При контролата, во казино на улица „Кеј Братство“ во Гостивар бил затекнат 15-годишник од гостиварско село, а во обложувалница на улица „Гоце Делчев“ 16-годишник од Гостивар. Двајцата малолетници им се предадени на нивните родители, а против сопствениците на казиното и обложувалницата, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат изготвени поднесоци по член 20 од Законот за игри на среќа и за забавни игри, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Вакви контроли биле спроведени и во Тетово, каде не биле регистрирани поголеми прекршувања на прописите во работењето и присуство на малолетници.
Од СВР Тетово упатуваат апел до родителите да не им дозволуваат на децата влез и престој во казина и обложувалници, пред се’ затоа што тоа е забрането, но и да спречат зависност од порок како што е коцкањето.
Коментарите се затворени.