Колку ќе тежи општинската каса? Таравари предложи буџет тежок над 20 милиони евра

Гостивар, 22 декември 2022 (МИА) – Предлог буџетот на општина Гостивар за следната 2023 година е проектиран на една милијарда и 250 милиони денари. Синоќа, овој документ беше претставен пред претставници на невладиниот сектор, граѓани, претставници на месни заедници и локалните претпријатија.

Од локалната самоуправа нагласија дека презентацијата е продолжување на праксата за зголемување на транспарентноста и вклучување на граѓаните во носењето на одлуки.

Во име на градоначалникот како предлагач, буџетот за 2023 година го презентираше Имер Мемеди од Секторот за буџет и контрола. Мемеди рече дека најголем дел од парите ќе одат за плати и придонеси, а дел за капитални вложувања, пред сè за патната инфраструктура. Споредено со овогодинешиот, предложениот буџет е за речиси 15 проценти поголе.

Предвидените приходи за полнење на општинската каса е предвидено да биде со наплата на даноци, донации и блок дотации. За годинава е планирано да се земе и заем за покривање на заостанати долгови.

Предлог буџетот наскоро ќе се најде на седница на советот на општина, каде треба да биде изгласан.

згм

Коментарите се затворени.