Заеднички ручек и подароци за лицата со посебни потреби

Гостивар, 26 декември 2022 (МИА) – Гостиварската локална самоуправа во пресрет на празниците организираше средби и заедничко дружење со членовите на здруженијата на ранливи категории граѓани. Забава со заеднички ручек беше организирана со децата од специјалните паралелки во училиштата и центрите кои згрижуваат деца со посебни потреби.

Претставници на општината при посетата на здруженијата на глуви „Тишина“ и слепи лица и лица со оштетен вид „Реалност“ врачија новогодишни пакетчиња и поразговараа за нивните потреби и актуелни состојби.

– Искажуваме благодарност до општината, а посебно градоначалникот за поддршката која ја добиваме и таа многу ни значи. Очекувам така да биде и во наредната година, рече Џеват Фејзули, претседател на „Реалност“.

Билјана Среткоска, секретар на Здружението „Тишина“ во име на членовите искажа благодарност на посветеното внимание и посетата.

 – Благодариме на локалната самоуправа што и оваа година не нè заборави и укажаа чест со посетата, што влева надеж дека и понатаму ќе продолжиме со соработка рече Среткоска.   

          Освен на членовите на здруженијата, новогодишни пакетчиња беа поделени и на забавата со заедничкиот ручек во гостиварскиот средношколски дом. Имерлие Салиу од општинскиот Сектор за социјални дејности, напомена дека на дружењето беа родителите и учениците во специјалните паралелки во училиштата и центри кои згрижуваат деца и лица со посебни потреби, а им се придружија градоначалникот Арбен Таравари и претседателот на општинскиот совет Ваљбон Лимани, кои во оваа пригода им упатија празнични честитки.

Коментарите се затворени.