Општина Гостивар во новата 2023 година со буџет од 1,2 милијарди денари

Гостивар, 29 декември 2022 (МИА) – Со едногласна поддршка, членовите на советот на општина Гостивар го изгласа буџетот за 2023 година. Предлагачот, градоначалникот Арбен Таравари пред советниците напомена дека при составувањето на документот му претходеле консултации со граѓани, невладини организации, јавни претпријатија и други соработници.

            – И наредната година ќе има тренд на намалувања на трошоците за градоначалникот. Споредено со 2017-та година, кога тие трошоци биле 15 милиони денари, за наредната предвидено е двојно помалку, односно 8,2 милиони, рече Таравари.

 Членовите на опозициските партии во советот на општина Гостивар изнесоа повеќе забелешки и дадоа оценка дека буџетот е нереален. Лек Далипи од редовите на ДУИ напомена дека дале поддршка, за да, како што напомена не бидат посочени како кочничари на проекти што одат во корист на граѓаните.

 Најголемиот дел од средствата во општинската каса отпаѓаат на плати, дотации, а планирани се вложувања: во училишта 8 милиони, заштита на животната средина 6 милиони, социјална заштита 800.000 и уште 600.000 за родова еднаквост, култура еден милион. За догодина за капитални инвестиции во инфраструктура предвидени се 120 милиони денари.

На последната седница за оваа година, локалната власт пред советниците презентираше дека реализацијата на буџетот за минатата 2022 година достигнала 96,5 отсто.

згм

Коментарите се затворени.