Турнир во шах за гостиварските средношколци
Гостивар, 18 февруари 2023 (МИА) Триесетина ученици од четирите општински средни училишта учествуваа на првиот турнир кој заеднички го организираа шаховскиот клуб Гостивар и локалната самоуправа. Првото место го освои Новица Михајлоски, второто Шпенди Фазлија, а третото му припадна на Агим Џафери.
– Овој натпревар се одвива по швајцарски систем седум кола, со темпо на игра за секој играч по десет минути. Основната идеја на турнирот е промоција на шахот и откривање на таленти кои во иднина би се приклучиле на шаховскиот клуб како играчи“, рече Воислав Мерџаноски од ШК Гостивар.
Соработката со локалната самоуправа, која е основач на клубот е дел од заложбите кои секторот за образование ги спроведува за ангажирање на учениците вон наставата.
– Како дел од соработката со шаховскиот клуб, претходно организиравме натпревари во основните училишта од градот и околината. По тој пример го организиравме и овој денес. Убаво е да се види како децата уживаат во играта која ја развива интелигенцијата и го подобрува развојот, вели Аслиан Снопче, раководител на Секторот за образование при општина Гостивар.
Турнирот го следеа и претставници на шаховската федерација на РСМ. Потпретседателот, Агим Шемшиу рече дека Гостивар е една од општините кои учествуваа во проектот за федерација „Шахот во училиштата“ и веќе почна да го применува шахот како наставен предмет во некои основни училишта. Најдобрите по завршувањето добија медали и пехари, а останатите учесници дипломи за учество
Коментарите се затворени.