Состанок на полицијата и училишните управи: Безбедносната состојба во училиштата е стабилна

Гостивар, 23 февруари 2022 Вкупната безбедносна состојба во училиштата во гостиварската општина е стабилна, а досегашната соработка на училиштата со полицијата треба да продолжи и наредниот период. Заклучоците произлегоа од последната средба на претставници на училишните управи и полицијата.

Од СВР информираа дека на иницијатива на Отсекот за превенција на СВР Тетово и Одделението за внатрешни работи Гостивар вчера (22 февруари) во Гостивар се одржа средба со директорите на основните и средните училишта и одговорните за образование во гостиварската локална самоуправа.

– На средбата беше разгледана и оценета како стабилна вкупната безбедносна состојба во училиштата. Искажано е задоволство од досегашната двонасочна соработка на училиштата со полицијата и очекување дека истата успешно ќе продолжи и наредниот период, наведуваат од СВР Тетово.

Од раководствата на училиштата беше побарано навреме да ги информираат одговорните полициски службеници за сите тековни или потенцијални безбедносни настани во и околу објектите во кои се изведува настава.

– Тие, изразија подготвеност да ги поддржат и активно да учествуваат во реализација на сите планирани превентивни проекти, за кои заеднички беше заклучено дека се мошне корисни и дека ги даваат посакуваните ефекти, посебно во сферата на јавниот ред и мир.

На средбата, исто така, стана збор и за други прашања поврзани со сообраќајниот режим во одредени делови од градот, како и за потребата за надминување на поединечни недостатоци.

Коментарите се затворени.