Распределени социјални станови на 45 семејства
Гостивар, 27 февруари 2023 – Клучевите од новите домови им беа врачени на четириесет и пет семејства кои се под социјален ризик во Гостивар. На церемонијата присуствуваа претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.
Првите честитки за вселувањето на семејствата на кои им беа доделени становите кои се наоѓаат во зграда на левиот брег на Вардар им ги упати премиерот Ковачевски. Тој во обраќањето напомена дека еден од приоритетите на владата во услови на економска криза била и помошта на најпогодените категории на граѓани.
– Колку да беше тешко да се справуваме со кризата, во ниту еден момент како влада не се откажавме од спроведување на социјално станбената политика. Изградивме и во фаза на изграда се 864 станови низ целата земја за да обезбедиме рамномерен региоонален развој и изедначување на станбениот стандард. Посветено работиме да обезбедиме социјална инклузија на граѓаните, рече премиерот Ковачевски
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски се заблагодари на комисијата и стручните служби, кои како што нагласи, посветено работеа на распределбата на становите.
– Доаѓав тука неколку пати заедно со претставници од АД за стопанисување со станбен и деловен простор за да дадеме свој личен придонес во процесот на распределбата, за да го заокружиме овој момент, предавање на клучевите на семејства на кои овие станови им се најпотребни, рече министерот Бочварски.
Директор на АД за станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев, напомена дека предавањето во користење на становите во зградата во Гостивар е дел од Проектот за изградба на станови наменети за социјално најранливите категории на граѓани. Тој потсети дека во тек е изградба на објекти за ваква намена во повеќе градови.
Зградата во која се вселија новите станари се наоѓа во станбен кварт во близина на болницата во западниот дел на градот. За нејзината изградба се вложени 103 милиони денари. Во две ламели има вкупно 70 станови со површина од 33 до 44 квадратни метри и засебни подрумски простории. Преостанатите 25 станови се очекува да бидат распределни во постапка што ќе ја спроведе комисија во Влада.
Коментарите се затворени.