Креативна работилница по повод 8 април Денот на Ромите
Гостивар, 7 април 2023 (МИА) – Децата Роми кои се згрижени во гостиварските градинки имаа креативна работилница на градскиот плоштад како дел од активностите за одбележување на 8 Април, денот на Ромите.
Децата пред гостиварци ги покажаа нивните ликовни и креативни вештини, боејќи и цртајќи мотиви поврзани со животот и традицијата на ромската заедница.
Миневер Скендери воспитувачка во ЈУДГ „Детска радост“ напомена дека настанот се организира во соработка со локалната самоуправа и е дел од активностите за одбележувањето на празникот во општина Гостивар.
– Целта на овој настан е децата од најрана возраст да се запознаат особености на нивната заедница со културата, музиката и да ги негуваат, бидејќи се дел од традицијата. Освен ова, тие се запознаваат и со нивните права и обврски, па така ќе станат корисни и за заедницата и општеството , рече Скендери.
Скендери посочи дека децата Роми во градинките поинтензивно се згрижуваат преку проект од 2006 година, а последниве години, интересот на родителите е зголемен и сами ги запишуваат. Во гостиварските градинки годинава има 15 дечиња од ромска националност од претшколска возраст.
Коментарите се затворени.