Ромскиот еснаф со свечена седница го одбележа 8 Април
Гостивар 8 април 2023 Со свечена седница и обраќања пред претставници на поважни институции и здруженија и гости, во салата на Советот на општина Гостивар беше одбележан 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.
На настанот покрај осврти за значајот на датумот од одржувањето на првиот конгрес, беше прикажано и видео „Патот на Ромите низ времето и светот“ во кое беа претставени личности од светот на спортот, уметноста и општествениот живот со ромско потекло.
Меѓу позначајните моменти, беше обраќањето на членот на општинскиот совет Фирдаус Ајдари во кое најави дека наскоро ќе се започне иницијатива за официјализирање на ромскиот јазик и користење во училиштата во Гостивар.
Потпретседателот на Демократскиот сојуз на Ромите, Кашмир Салиу упати критика до властите кои како што рече само за овој ден помислуваат на Ромите. Како позитивен пример ја посочи општина Гостивар
– Во земјава има само еден град и еден градоначалник кој заедно со мене, со советникот на ДСР и сите Роми направи Гостивар да биде пример како се интегрираат Ромите. Господинот Арбен Таравари овозможи да се
истакне ромското знаме и стана општина која се грижи за Ромите, рече Салиу.
Честитајќи го празникот градоначалникот Таравари кажа дека одлуката за истакнување на знамето на ромската заедница е донесено со консензус и поддршка на сите претставници во општинскиот совет.
Тој посочи и неколку проекти кои го подобриле животот на Ромите во населбите каде се побројни. Како голем проблем за кој сè уште нема решение ја истакна дивата населба „Дупка“ во која Ромите живеат во лоши и недостоинствени услови.
– Во средбите со многу фактори го наметнувам решавањето и подобрување на условите во „Дупка“ и тој дел од населбата Циглана да биде уреден до крајот на овој мандат, рече Таравари.
Градоначалникот напомена дека се прават напори за изградба на џамија за верниците Роми и подвлече со констатацијата дека Гостивар е најинтегриран град за сите етнички заедници и дека гостиварци треба да бидат гори на тоа.
Во име на повеќегодишната соработка, локалната самоуправа додели две плакети, на првиот човек на еснафското здружение Недим Максути и Кашмир Салиу.
Коментарите се затворени.