Потпишан договор за соработка помеѓу Гостивар и Етрополе, Република Бугарија
Гостивар, 9 април 2023 (МИА) – Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и градоначалникот на општина Етрополe, Димитар Димитров потпишаа Договор за соработка. Договорот беше потпишан во четвртокот по посетата на градоначалникот Таравари и претседателот на општинскиот совет, Ваљбон Лимани на оваа бугарска општина.
Договорот претставува почеток во воспоставувањето односи кои во иднина ќе придонесат за размена на искуства и соработка во различни области, стои во соопштението на општина Гостивар.
Со него се предвидува во иднина да се вложат напори засновани на солидарност и заеднички интерес, да се развиваат пријателски, економски и комерцијални односи.
– Преку контактите помеѓу двата града ќе се реализира соработка и активна размена на искуства во областа на бизнисот, економијата, трговијата, туризмот, уметноста и културата, спортот и другите области кои бараат заедничка поддршка и се во надлежност на властите на двете земји, се наведува меѓу другото во договорот.
Покрај ова, со договорот ќе се поттикнат различни видови на соработка меѓу двата града, која ќе се реализира на иницијатива на компании и претпријатија, институции, организации, спортски клубови и други здруженија на граѓани.
Етрополе е град со околу 10 илјади жители и е дел од Софиската административна област
згм
Коментарите се затворени.