Трибина на УМС на ВМРО ДПМНЕ: 120 години од смртта на големиот великан на Македонија, Гоце Делчев“

Гостивар, 4 мај 2023 – На годишнината од погибијата на македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев, Унијата на млади сили, Комисијата за култура и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар организираа трибина на која се зборуваше за значењето на неговото дело во борбата за создавање на самостојна држава.

Во малата сала на центарот за култура АСНОМ, пред присутните се обратија, Сергеј Попов претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ, Мартин Андоновски генерален секретар на УМС и претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ, Гоце Димовски.

Тие се осврнаа на значењето на големиот револуционер во сегашноста посочувајќи дека Македонија сега се наоѓа во незавидна ситуација.

Горан Павлоски, наставник по историја во неговиот реферат се осврна на животниот пат на големиот револуционер и посочи на важните моменти од создавањето на првите организации кои работ на ослободување на Македонија

– Гоце добива и нова улога, задграничен претставник на Организацијата во Софија, со задача да им укаже на тамошните Македонци дека во Македонија веќе постои организација која работи на терен и се бори за слобода. Гоце се бори против надворешните мешања во македонските работи: „Браќа, секој оној којшто смета дека слободата може да дојде однадвор, се лаже себе си а ги лаже и другите“, „Слободата на Македонија лежи во едно внатрешно востание“, наведе во рефератот Паловски.

Тој ги пренесе и записите и сведочењето на Димо Хаџи Димов за погибијата на Делчев.

„15 часа го гледавме мртвото тело на Гоце, чиниш клекнал над гробот на Македонија. 15 часа гледавме и плачевме“, вака го опишал тој миг Димо Хаџи Димов. Османлиите не биле ни свесни кого убиле, дури петтиот ден дознале дека тоа е Делчев, ама некој друг веројатно добро знаел кој треба да биде убиен таму, затоа што во странските дипломатски списанија секаде стоела информацијата кој е убиен во Баница, наведе историчарот Павлоски.

Професорката Светлана Јовановска на трибината се осврна со темата: Гоце Делчев знаме и патоказ на генерациите, во која ја истакна важноста од продолжувањето на делото и идеите на Делчев во НОБ.

– Во текот на НОБ, насекаде е присутен повикот за доследно следење на револуционерните традиции. Во септември 1942 е формиран битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“, а две години подоцна и бригадата Гоце Делчев. Неговото знаме се веело и меѓу партизанските одреди во Егејска и Пиринска Македонија. Гоцевите традиции беа истакнати и на првото заседание на АСНОМ, со што беа остварени неговите идеали, рече Јовановска.

Коментарите се затворени.