Промовиран проект „Работилница за поправање на стари предмети“

Гостивар, 5 мај 2023 (МИА) – Од наесен во Гостивар ќе се отвори работилница за бесплатна поправка на мебел, апарати, машини и електрична опрема за домаќинство. Ова е проект за кој младите социјалдемократи од гостиварскиот клуб добија финансиска поддршка од фондацијата Фридрих Еберт. Работилницата ќе функционира во склоп на средното техничко училиште како дел од соработката со локалната самоуправа.

Претставниците на локалниот клуб на социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) денес го официјализираа почетокот на проектот „Работилница за поправање на стари предмети“.

Тие денес ја посетија просторијата која ОСТУ (општинско средно техничко училиште) ја обезбеди. Според тим лидерот на проектот, Ема Нешковска идејата која сакаат да ја реализираат е таа да биде од корист на локалната заедница.

– Работилницата ќе биде опремена со машини и алати за повеќе занаети. За почеток ќе биде ангажирано едно лице кое ќе ги опслужува граѓаните. Со оглед дека работилницата е сместена во средното техничко училиште, учениците од соодветните струки преку практична настава ќе добијат можност да ги надоградуваат вештините да го усовршуваат занаетите кои практично се во изумирање, вели Нешковска.

Основната идеја на отворањето на ваква работилница е да се поттикнат граѓаните почесто да ги поправаат домашните апарати и предмети, наместо да ги фрлаат и на тој начин да создаваат отпад.

Нешковска потенцира дека граѓаните на кои ќе биде потребна поправка нема да плаќаат за услугата. Почетокот со работа на работилницата е најавен за наесен, до кога треба да се набават, машини и алати за работа. Најава за почеток на реализација на оваа замисла е поставувањето на модицифиран велосипед, кој е поставен во непосредна близина на обележјето I Love Gostivar, кој треба ги потсетува граѓаните дека треба да ги користат услугите на работилницата.

Овој проект произлезе од првиот зимски Камп кој го организираше СДММ- во соработка со фондацијата Friedrich-Ebert-Stiftung и е избран меѓу 30-те пријавени. Неговата реализација е овозможена во соработка со општина Гостивар и средното техничко училиште

згм

Коментарите се затворени.