СЕОУ Гостивар: Промовирана генерацијата матуранти 2019/23
Гостивар, 30 мај 2023 – На пригодна свеченост пред учениците, наставниот кадар, претставници од локалната самоуправа и други гости, беше промовирана последната генерација матуранти 2019/23 на Средното економско општинско училиште Гостивар (СЕОУ).
Со традиционалното фрлање на шапки во дворот на училиштето беше означен крајот на четиригодишното образование и дружење на учениците од оваа генерација.
Михајло Ѓиноски, директорот на економското училиште прв им честиташе и им посака успеси во натамошното школување и животниот пат.
– На матурантите ова им е последниот ден во училишните клупи. Четири години поминаа многу брзо, сите денови беа различни исполнети со убави нешта и изненадувања. На секој од вас успеавме да им пренесеме знаења кои се надевам ќе одлучите и понатаму да ги надградувате. Животот ќе ве однесе на различни патишта но сигурен сум дека ќе се сеќавате на деновите поминати овде. Ви посакувам среќа и исполнување на сите поставени желби и цели. Се гледаме во некоја следна прилика, рече на свеченоста директорот Ѓиноски.
Пригодни признанија за постигнатите успеси и како најуспешни ученици на генерацијата добија: Елиф Мемедоска, Фуркан Максут и Ерзана Адеми.
Коментарите се затворени.