Хуманитарен турнир во кошарка „Другарите за Игор – 2023“

Гостивар, 1 јуни 2023 – Во недела се очекува „мал празник“ на аматерската кошарка со натпревари во младинските категории помеѓу четири клубови. Организаторите на хуманитарниот турнир во кошарка „Другарите за Игор“ ги завршија подготовките за дваесет и првото издание на оваа манифестација.

Петар Ангелов-Пепи за Radio G кажа дека присуството на турнирот, кој се одржува во чест на Игор Билески поранешен кошаркар, го потврдиле младинските екипи на КК Гостивар, КК Тетекс, КК Љуботен и КК Мариф.

Натпреварите ќе се играат во две полуфиналиња и две финалиња, а жрепката ќе биде извршена пред почетокот на турнирот.

Новост и изненадување за овогодишното издание на турнирот за публиката ќе биде ревијален мини баскет. Најмладите кошаркари ќе ги покажат знаењата и ќе заиграат пред официјалниот почеток на натпреварите.

На учесниците и најдобрите, традционално ќе им бидат доделени скромни награди и благодарници, а приходот од продадените влезници ќе биде дониран во хуманитарни цели.

Почетокот на турнирот е закажан во 12 часот, на 4 јуни (недела) во спортската сала на гимназијата.

Игор Билески е поранешен кошаркар кој животот го загуби во сообраќајна несреќа во 2002 година. Во негов спомен, неговите соиграчи и другари ја организираат оваа ревијална спортска манифестација.

Коментарите се затворени.