Јубилеј: Третата генерација „машинци“ прославија 50 години матура
Гостивар, 4 јуни 2023 – Ова неделно попладне за дваесетина некогашни средношколци, а сега средовечни наши сограѓани беше свечено и исполнето со емоции. Повеќето од Гостивар, а дел и од други градови дојдоа на школски час за да го одбележат јубилејот педесет години од матурирањето.
Оваа генерација (1972/73) на некогашното „индустриско“ или ЕМУЦ „Злате Малакоски“ позната е по тоа што изнедрила многу успешни личности и најголемиот дел инженери. Сепак се попознати и по тоа што во оваа генерација имало и десетина девојки, што за ова училиште е своевиден куриозитет.
Оваа генерација продолжила да се дружи и по напуштањето на школските клупи. Тоа беше забележливо уште во училишниот двор. При поздравувањето и срдечноста се препознава дека се во контакт и го одржуваат другарството.
Жарко Бибоски, еден од организаторите на „златниот јубилеј“ појасни дека во тоа време како ученици ги исполнувале „високите барања“ на тогашните наставници.
– Учевме многу и другаруваме искрено. Сепак највпечатливи и најмногу спомени будат двете екскурзии и шетањето низ тогашна Југославија. За повеќето од нас тоа беа првите подолги патувања и запознавања со останатиот свет, рече Жарко кој сега ги ужива пензионерските денови.
На прозивката не дојде нивниот класен раководител Никола Гајдаџиев, па подарокот, изгравиран рачен часовник ќе му го испратат до Дојран, каде живее.
Од списокот на кој има 37 некогашни матуранти, своето присуство го потврдија дваесетина, во истата училница во која некогаш учеле. Иако повеќето време го поминале на катот од старата зграда на „индустирско. Дел од оваа генерација иако биле машински техничари, животниот пат ги однел во други води, но речиси сите потврдуваат: тука го учеле животот.
Од заборавот, спомените ги сочува и Иљче Ристоски, кој ги сподели фотографиите од матурското табло и класот. Како џентлменски гест и израз на „мало внимание“ организаторите на дамите им подарија црвени рози. Дружењето го продолжија на заедничка вечера во ресторанот „Сајгија“
Коментарите се затворени.