Дејан Крстески ја промовираше најновата збирка поезија „Утрото по крајот на светот“
Гостивар, 6 јули 2023 (МИА) – Пред љубителите на пишаниот збор, вечерва во Гостивар беше промовирана збирката поезија „Утрото по крајот на светот“ на Дејан Крстески. Во центарот на „Млади во заедницата YCC“ во прексрсна атмосфера беа прочитани неколку творби од последниот опус на овој гостиварски писател, кој меѓу другото во обраќањето напомена дека со оваа книга сака да ги врати улогата и значењето на поезијата на вистинското место.
Во освртот за новото дело на Крстески, шесто по ред беше кажано дека песните исцртуваат маркантен профил на меланхолијата, потцртана со флуоресцентни бои. Во неа, овој гостиварски поетот и писател смести 45 песни кои обединуваат едно пошироко тематско шаренило.
Во рецензијата за збирката, книжевниот критичар Ирена Павлова Де Одорико меѓу другото наведува дека Крстески е автор кој поезијата ја промовира како персона, со сите нејзини исповедни тонови, бои, созвучја и жестоки опсервации за стварноста што нè опкружува.
– Во поезијата на Крстески, постои една константа на исповед, на еден придушен крик среде егзистенцијалниот вакуум. Тој е како воскреснатиот Лазар, кој ги лекува раните со бескомпромисното именување на падот на векот и светот. Но, на терезијата како противтежа ја додава љубовта. Лирското меѓу две острење на ножот во неговите песни, наведе рецензентката Павлова Де Одорико.
Збирката поезија „Утрото по крајот на светот“ е самостојно издание на авторот и наскоро се очекува да биде промовирано пред пошироката публика и други градови.
Дејан Крстески дебитира на книжевната сцена со збирката раскази „Поглед кон небото“ (2014). Со збирката поезија „Луѓе без лице“ (2015) ја освојува наградата „Книжевен светилник“. По нив следуваат збирката раскази „Чист хероин“ (2018) и збирката поезија „Херои од хартија“ (2019). Романот „Атласот на тајните“ (2021) е прогласен за еден од најуспешните на конкурсот „Славко Јаневски“ во 2022 година. Добитник е на наградата за една од најчитаните книги во 2017 година од страна на Македоника и УНЕСКО за збирката „Луѓе без лице“. Песната „Последната книга“ беше избрана за една од најуспешните по повод „Ден на читателот“ од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ – 2017. Тој е еден од финалистите на меѓународниот фестивал „Литературни искри“ – 2019. На интернационалниот поетски фестивал „Мелнички вечери на поезијата 2020“ освоил прво место.
Коментарите се затворени.