Утре почнува петтиот The Park Festival

Гостивар, 21 јули 2023 (МИА) – Турнири во мал фудбал, баскет, кајак и две музички вечери се дел од програмата на годинешното издание на The Park фестивал кој утре започнува во Гостивар. Програмата ќе се изведува во две спортски арени и на две сцени од 22 до 25 јули 2023 година.

Од продукцијата ИнБокс ентертејнмент организаторите на фестивалот, велат дека петтото издание е исполнето со спортска и музичка програма која е во функција да се подобри понудата со забава и рекреација во Гостивар.

– Главните случувања ќе бидат во паркот, на левиот брег на Вардар. Новитет е што годинава во соработка со Кајакарската федерација и Агенцијата за млади и спорт ќе бидеме домаќини на ревијален турнир во кајак на диви води. Исто како изминатите четири години, фестивалот ќе ја збогати и туристичката понуда, со оглед дека настапуваат познати имиња од локалната, регионалната и меѓународната музика. На тој начин ги обединува сите етникуми, возрасни групи и негува вистинските вредности, изјави за МИА, Вљора Демири портпарол на фестивалот.

Годинава манифестацијата ќе започне на спортскиот терен во средното медицинско (на 22 јули) со турнир во мал фудбал и учество на осум екипи. Наредниот ден на истиот терен (23 јули) осум екипи ќе се натпреваруваат во баскет, а истиот ден по течението на Вардар по кејот, публиката ќе види турнир во кајак на диви води.

Музичката програма на фестивалот ќе започне во понеделник навечер (24 јули) во летниот амфитеатар (Apmhi Stage) со настапите на: Кристијан Киаран/Christian Khiarian, План Џи/Plan G, Саундчек/Soundcheck, Марко Логаут/Marko Logout, Ика Јусуф/Ikay Yusuf и Тамара Грујеска. На 25 јули на главната сцена (Dandelion Stage) настапуваат покрај Елвана Ѓата/Elvana Gjata и , Noizy, Elai, Gimi O, Nonejm & Adi, Vullnet Neziri, David Dreshaj, Apes, Agoni, Dj Ginger, Dj Crunk, Doe, Picho, Strapz, познати артисти од електронската сцена.

The Park Festival го организира „Инбокс ентертејмент“ со финансиска поддршка на општина Гостивар, Министерството за култура и спонзори.

Коментарите се затворени.