Караванот „Остави трага“ во Гостивар

Гостивар, 6 септември 2023 (МИА) – Со мултимедијален настан во Гостивар кој е дел од карванот „Остави трага“ беа испратени пораки до младите да го зголемат нивното општествено учество и подигање на свеста за еднаквоста во општеството.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, пред присутните во паркот до општинската зграда зборуваше за неговиот активизам од младите денови, кога како што кажа, верувал дека може да менува светот и во мали средини како неговиот роден град. Гир напомена дека Гостивар е место изразит мултикултурализам.

– Гостивар е прекрасен град со различности, со младо население и мојата порака вечерва за младите е: активирајте се, а ако веќе сте активни, останете активни, а пораката до целото население: градов има прекрасно наследство, наследство на различности и посилни и побогати сме кога работиме заедно и најдобро го искористуваме тоа наследство, рече амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

Министерката Јованка Тренчевска со своето обраќање се осврна на нејзиниот активизам на полето на родовата еднаквост, и како што напомена процентуалната застапеност на жените во парламентот ни е и над Европскиот процент, како држава сме најдобри во регионот.

Караванот „Остави трага“ има за цел да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството. Покрај панел дискусиите настанот беше збогатен со музички настапи, мини пиесата и сликање на уметнички дела на платно.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Коментарите се затворени.