Првата катна гаража во Гостивар се гради во големиот парк, се чека одобрување за уште две
Гостивар, 26 септември 2023 – По подолг период исполнет со усогласувања, измени и постапки, започна реализацијата и постапките за изградба на три катни гаражи. Тие беа најавени во програмите за работа уште во 2016 година и подоцна вметнати во Генералниот урбанистички план на општина Гостивар. Трите објекти треба се градат по принцип на јавно-приватно партнерство со компаниите „Герташ“ и „Глобал Имобилиен“ кои по постапките и завршените конкурси веќе имаат склучено договори со општината за користење на определен рок.
Од општината Гостивар информираат дека изградбата на објектот во близина на градскиот парк од левата страна на Вардар е во напредна фаза и работите се одвиваат според предвиденото.
– За другите две, во тек е постапка за добивање градежна дозвола и верувам дека за два месеци ќе бидат издадени. Едната ќе биде изградена на постојниот паркинг кој е веднаш до паркот, а другата ќе биде во кругот на општата болница поточно на постоечки паркинг, но сега ќе биде со поголем капацитет, вели Семри Зулбеари раководител на секторот за урбанизам.
По најавите дека ќе се гради објект на територија на големиот градски парк, дел од гостиварската јавност побара објаснувања и по социјалните мрежи го критикуваше овој потег, со оглед дека се гради на зелена површина. Од локалната власт посочија дека изградбата е предвидена со претходните урбанистички планови и ГУП од 2016, а неговата реализација е законска обврска, но смируваат дека нема да се губат зелени површини
– Во процес сме на измена и дополнување на ГУП кој започна минатата година. Со измените предвидовме нови зелени површини, патеки и содржини во самиот парк. Освен во паркот, додадовме и други зелени површини, кои се наоѓаат во нацрт верзијата, која откако ќе биде финализирана ќе стане повидливо кои површини се предвидени за зазеленување, појаснува Зулбеари првиот човек од гостиварскиот сектор за урбанизам.
Изминативе дваесетина години, сите владејачки гарнитури се обидуваа да го решат сообраќајниот хаос по гостиварските улици и повеќе места за паркирање. Во програмата за работа од вториот мандат на Невзат Бејта излезот на овој инфраструктурен проблем беше понуден со изградба на три катни гаражи.
Неговиот наследник, Арбен Таравари во првиот мандат не ја реализира оваа идеја заради административни и финансиски препреки. Во 2021 година моделот за јавно приватно партнерство помина во Советот на општината, а на граѓаните во скоро време ќе им бидат на располагање на над 200 нови паркинг места.
згм
Коментарите се затворени.