Детска недела во гостиварските градинки

Гостивар, 3 октомври 2023 (МИА) – Под мотото „Јас и светот околу мене“, децата од градинките се вклучија во повеќе едукативни и креативни активности по повод Светската недела на детето. Од раководството на ЈУДГ „Детска Радост“ која раководи со трите клонови во кои згрижуваат деца напоменаа дека оваа недела е програмски опфатена со содржини и активности според возраста.

 

Денес, околу три стотини дечиња од средните и големите групи со нивните воспитувачки дојдоа пред зградата на локалната самоуправа и беа пречекани од општинското раководство.

Првиот човек на општина Гостивар искажа благодарност, на како што рече укажаната чест и на посетата на најмладите кои повод на Светската недела на децата, носеа напишани пораки.

– Прочитав повеќе и преку нив тие порачуваат дека сакаат почист, позелен град, подобри услови во градинките и училиштата, што всушност се и барањата на нашите граѓани. Ние, како локална самоуправа во овие шест години исполнивме повеќе од овие барања, а во наредниве две години ќе работиме на подобрување условите за престој на децата надвор од нивните домови рече градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.

Од гостиварските градинки најавуваат дека за време „детската недела“ ќе се реализираат посета на детска градинка во соседниот град Тетово, музички хепенинг, ликовни активности со учество на родителите, а ќе има и ден за игри и песни инспирирани од традицијата.

– Децата имаат права, но и обврски. Па така вложувањето во најмладите е стратешка инвестиција за нашата иднина. Како и секоја година, првата недела од октомври е целосно посветена на децата и е програмски опфатена со содржини и активности согласно возраста на децата од 2 години до 5 години, наведуваат од ЈУДГ „Детска радост“ Гостивар.

згм

Коментарите се затворени.