„Народен непријател“ на МНТ го отвори Меѓународниот театарски фестивал „Отело
Гостивар, 10 октомври 2023 – Со изведбата на претставата „Народен непријател“ на Македонскиот народен театар (МНТ) по текст на Хенрик Ибзен и во режија на Нина Николиќ, синоќа (9 октомври) започна седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ во Гостивар.
Пред гостиварската публика во Центарот за култура „АСНОМ“ беа претставени програмата за оваа издание и жирито во состав: Ѓорѓи Нешкоски, Арта Мучај и Адем Карага кое ќе ги додели наградите за најдобар актер, актерка, режисер и претстава.
Во час и половина без паузи беше изведен класик на драмската литература кој и покрај тоа што е напишан во 1882 година е актуелен и има допирни точки со општеството во кое живееме. Публиката на крај со долг аплауз ја награди актерската екипа: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви..
Освен МНТ, годинава со свои претстави на „Отело ќе настапат и народните театри од Косово и Албанија, и три други државни театри: Тетовскиот, театарот од Лесковац (Србија), и од Габрово (Бугарија)
Фестивалот продолжува вечерва со претставата „Се надевам ќе играат добро“ по текст на Луц Хибнер во продукција на драмскиот театар „Рачо Стојанов“ од Габрово (Бугарија).
Најавените претстави почнуваат во 20 часот и се играат на големата сцена во центарот за култура АСНОМ, а влезот е бесплатен.
Фестивалот ќе биде затворен во недела со изведба на „Први и последни“ на Народниот експериментален театар „Кујтим Спахивогли“ од Тирана (Албанија) и доделување на наградите.
повеќе фотографии и видео инсерти од првата вечер може да погледнете тука
згм
Коментарите се затворени.