Во Гостивар ќе се аплицираат 1.500 вакцини за сезонски грип

Гостивар, 26 октомври 2023 (МИА) – За граѓаните од општина Гостивар, преку „Мој термин“ обезбедени се 1.500 вакцини против сезонски грип, а за два дена вакцината ја примиле шеесетина, главно постари лица.

Според епидемиологот Зорица Зафировска од Центарот за јавно здравје Гостивар, интересот оваа година е поголем во споредба со лани и затоа предвидени се повеќе дози.

– Предвидените дози се наменети лицата со здравствен ризик како хронично болни, лица над 65 години, трудници и деца од 6 месеци до 5 години. За два дена откако започна вакцинирањето, речиси 90 проценти од пријавените примиле вакцина, вели доктор Зафировска.

Таа напомена дека за лицата кои не спаѓаат во категориите на загрозени, предвидена е таканаречена „комерцијална вакцина“ која чини 700 денари.

Зафировска посочи дека закажаниот термин за вакцинирање по пријавувањето на vakcinacija.mk. има важност од седум дена, по што ќе мора да повторно да се закаже.

Во епидемиолошката служба оценуваат дека состојбата со заболени од грип е поволна и дека бројката на заболени е мала.

згм

Коментарите се затворени.