Општина Гостивар и ХЗ „д-р Трајче Нешковски заеднички ќе финансираат образовни асистенти во идната учебна година
Гостивар, 3 ноември 2023 (МИА) – Гостиварската локална самоуправа и хуманитарното здружение на граѓани „д-р Трајче Нешковски“ потпишаа меморандум за соработка и заеднички да работат на обезбедување на образовни и лични асистенти на децата со попреченост, ученици во средните училишта на територија на општина Гостивар.
Во наредниов период ќе се работи на мапирањето, односно обезбедување на податоци за бројот на децата кои имаат потреба од образовен и личен асистент. По ова ќе следува, распишување јавен оглас за ангажирање на образовни и лични асистенти за децата-ученици во средните училишта, во период за учебната 2023/2024 година.
Од ХЗ „д-р Трајче Нешковски“ појаснуваат дека целата на оваа активност е интеграција на децата со попреченост во образовниот процес, социјалниот живот и општеството.
– Заеднички ќе работиме на развивање на свеста на родителите и старателите за важноста тие да ги пријават до надлежните институции (училиштата) своите деца дека имаат потреба од образовен и личен асистент. На тој начин се остварува подобра интеграција, но и нивно прифаќање од страна на соучениците, професорите и заедницата во целост, наведуваат од здружението.
Со меморандумот е предвидено да организираат советувања со експерти, трибини и средби. За ангажирањето на идните асистенти здружението ќе финансира 30% од сумата која ќе му се исплаќа на асистентот, а општината се обврзува да покрива 70% за секој асистент поединечно, во период за учебната 2023/2024 година.
Коментарите се затворени.