Доделни 13 грантови за помош на локалните заедници во НП Шар Планина и НП Маврово
Гостивар, 3 ноември 2023 – Тринаесет невладини организации кои делуваат во подрачјата на националните паркови „Шар Планина“ и „Маврово“ добија вкупно 160 илјади евра за проектни активности. Локалните организации ќе спроведуваат проекти за заштитата на животната средина и биолошката разновидност, одржливо користење на природните ресурси, недрвени шумски производи и туризам заснован на природа.
На настан кој е дел од проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шар и Албанските Алпи“, имплементиран од CNVP и финансиски поддржан од PONT, денес во Маврово беа потпишани договорите со избраните грантисти.
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска ја потенцираше важноста на поддршката и соработката на сите чинители на регионално ниво.
– Искрено се надевам дека преку обезбедената поддршка на локалните заедници ќе се иницира социо-економски развој во Полошкиот и Мавровскиот регион, и ќе обезбеди директна поддршка на локаните невладини организации, заштитени подрачја, општини, мали и средни претпријатија и други локални заедници кои делуваат во регионот“, истакна Оџаклиеска.
Нехат Рамадани, директор на CNVP Северна Македонија, истакна „ПОНТ е наш стратешки донатор и во обраќањето напомена дека станува збор за значајна поддршка.
– Целта е да се задржи населението во руралните средини и да се запре иселувањето, да им се овозможи на жителите во планинските села да живеат достоинствен живот, да ги задржиме младите во своите домови, и да ги научиме како да живеат во хармонија со природата, рече Рамадани.
По потпишувањето на договорите беа претставени избраните проекти и ги запознаа присутните со она што треба да го реализираат во заштитените подрачја на Шар Планина и Маврово.
Корисници на подгрантови се локални организации регистрирани во заштитени подрачја на Националниот парк „Шар Планина“ и Националниот парк „Маврово“.
Коментарите се затворени.